Премиерот Зоран Заев, ги повика истражните институции да ја проверат работата на Национална агенција за европски образовни програми. Тој во изјава за „А1он“ ја повика и директорката на Националната агенција, Лидија Димова, веднаш да излезе пред јавноста и да ги презентира сите детали во врска со распределбата на европските пари.
„Гледам во медиумите вести кои кај граѓаните со право може да остават сомнеж за користењето средства од европските програми за мобилност, образование и млади. Тој сомнеж е оправдан ако се знае на кој начин власта на ВМРО-ДПМНЕ ги злоупотребуваше европските пари. Јас нема да дозволам да бидам рамнодушен ниту на сомнеж, ниту на евентуални злоупотреби. Затоа, ја повикувам директорката на Агенцијата Лидија Димова веднаш да излезе и на прес конференција да ги презентира целосно транспарентно сите детали во врска со начинот на распределба на средства од европските фондови наменети за образование и млади. Димова целосно и прецизно треба да ги адресира прашањата на кои реагира јавноста и за кои се јавува сомнежот. Исто така, ги повикувам истражните институции до детал да ја проверат работата на Националната агенција за мобилност и во најбрз можен рок сите да добиеме веродостојна информација“, вели премиерот Зоран Заев за „А1он“.
„А1он“ објави дека фирмата „В.Е.З. Трејд“ со основна дејност „фризерски салони и салони за разубавување“, а регистрирана и со општа клаузула за бизнис, ѝ било овозможено да добие грантови за проекти од областа на едукацијата. Истовремено, во правилата на „Еразмус“ пишува дека правното лице мора да е активно во сферата на едукацијата, обуката, младите и спортот.
Во други земји, вакви грантови за едукација добиваат школи, универзитети, здруженија и државни институции, но не и фирми регистрирани со дејност „фризерски салони“. Сопственикот и управител на фризерницата, Зоран Златковски, кај вработени во Нациоаналната агенција е познат по тоа што држел обуки кои биле организирани од оваа институција за што му биле исплаќани пари на лична сметка.
Директорката Лидија Димова тврдеше дека не е спорно што фирма со дејност фризерница и годинава добила четири грантови во три акции од „Еразмус+“. Сопственикот на фризерницата, Златковски, пак, изјави дека и тој бил изненаден кога добил четири грантови во три програми.