Основното училиште „Кирил Пејчиновиќ“ во Кисела Вода со поддршка на Амбасадата на Соединетите Американски Држави во наредните 12 недели ќе го реализира проектот „Ритам на мирот“, за кој беше потпишан меморандум за соработка.
Како што соопшти Општина Кисела Вода, целта на проектот е преку повеќе активности кај учениците од сите возрасти да ги развие когнитивните и социјално-емоционалните вештини.
-Проектот ќе им помогне на децата да научат подобро да зборуваат англиски јазик, преку три различни активности на танц (комбинација на модерен, поп и балет), да научат да танцуваат, да работат тимски и да стекнат поголема самодоверба. Покрај ова, ќе се одржат и курсеви за претприемништво и комуникациски вештини. По завршувањето на обуките, децата ќе знаат како да носат позитивни одлуки во нивните животи, а и како да влијаат на заедницата, соопшти Општината која упати благодарност до Американската амбасада.
Проектот го имплементира MindLeaps од САД. Обуките и часовите по модерни танци ќе ги држат професионалци, мешани тимови од САД и Северна Македонија. Средните и основните училишта во земјава кои се заинтересирани за вклучување во активностите и обуките може да се пријават на електронската адреса: [email protected].