„Недефинирана кодификација“ – изложба на скулптури на Слободан Милошески во Прилеп

Од:

Во Ликовната галерија на НУЦК „Марко Цепенков“ во Прилеп, денеска со почеток од 12.30 часот ќе биде отворена изложбата на скулптури од галериски формат насловена „Недефинирана кодификација“, од авторот Слободан Милошески.

Историчарот на уметност проф. д-р. Џемил Бектовиќ во својата критика по повод оваа изложба вели дека Слободан Милошески критичарите на уметноста го сметаат како еден од најдобрите македонски скулптори кои спаѓаат во групата уметници што работат во доменот на апстракно минималистичкиот концепт, поради тоа што користи едноставни геометриски форми и индустриско-импровизирани материјали за создавање дела од различити размери.

-Неговата минималистичката скулптура дава импресија на строгост и рационалност која се потпира на однапред спремени постулати и идеи логично артикулирани. Слободан Милошески користи геометриски цврсти материи во скулптурата, но крајниот импакт не е тврд или статичен. Всушност, кога ги гледате неговите скулптури од неколку агли тие не одаваат впечаток на совршена поставеност, туку се “потпираат“, “навалуваат“ и “искривуваат“ во неочекувани позиции. Ваквата “конструкција“ на овие скултури им дава човечки аспект и духовна страна. Покрај нив се добива чувство на вибративно движење и тактилност која доаѓа од нагласените прави линии и мрежи во повеќето минималистички дела. Очигледано дека уметникот Милошески ја реализирал неговата основна замисла делото да биде “спроводник за духовни работи“ и како целта да му е „скулптурата да биде на работ од соништата“, вели Бектовиќ.

Од друга страна, додава тој, Милошески ја брани идејата дека уметноста е чисто објективна и дека владеат закони кои ја третираат уметноста не како чин на имагинација, туку чин на набљудување, перцепција и манипулација со формата. Во контекст на оваа филозофија неговото разбирање на скулптурата е чисто субјективно, но управувано со закони кои владеат во релацијата маса-простор.

-Аксиомите кои се нагласени во неговата уметничка постава акцентираат идеја дека скулптурата е “покажување на точност“ и “игра на закони во простор“. Од овие премиси се развива неговата лична теорија за геометрија базирана на рационална естетика во рамките на “интуитивна уметност“ која побарува апсолутна математичка ригорозност каде што ништо не треба да се додава, ниту да се отстрани. Чувството на целосна точност., посочува Бектовиќ во својата критика за изложбата.

Слободан Молошески е роден во Охрид во 1977 година. Дипломирал на Факултетот за физичка култура во Скопје во 2001 година, во 2009 година дипломира на Факултетот за ликовни уметности во Скопје на вајарски оддел, а магистрира на истиот факултет во 2011 година. Во 2018 година докторира на Национална уметничка академија во Софија, Р Бугарија, на катедра „Скулптура“.

До сега има реализирано 22 самостојни изложби, а учествувал на повеќе од 70 групни изложби во земјава и странство. Добитник е на 13 награди и признанија, од кои најзначајни се наградата за скулптура „Јордан Грабул“ доделена од Друштво на ликовни уметници на Македонија во 2012 и 2015 година, како и наградата за скулптура мал формат „Димо Тодоровски“ исто така доделена од ДЛУМ во 2014год.

Милошески е член на ДЛУМ од 2009 година, а во моментот работи како доцент на Ликовната академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип.

Би можело да ве интересира

Со изложбата „Пет години КСП Центар – Јадро“, започна третото издание на Маалски фестивал

Во Утрехт изложба „5х10“, на дела на пет реномирани македонски фотографи

Изложба на мозаици „ Наследство во камен“ на Изет Зеќири

Горан Наумовски

Во Корча ќе се одржи промоција на македонски национални носии од Преспа

„Ретроспектива“ – самостојна изложба на Даме Затуровски

Изложба „Простор и тишина“ на Билјана Билбилоска