Судењето за предметот „Меѓународен Сојуз” денеска се одложи по трет пат. Здравствената состојба на обвинетиот Бојан Јовановски-Боки 13, кој моментално е на болничко лекување е причина за одложување на рочиштето.
Судијката Софче Гаврилова-Ефремова посочи дека добиле известување од КПУ-Скопје за обвинетиот Јовановски дека е на болничко лекување.
На почеток на месец септември обвинетиот Јовановски, по силни болки во желудникот неопходно било да му се изврши хируршка интервенција. Според неговата одбрана ова ситуација е како последица од несоодветната исхрана во затворот.
Следното рочиште за овој предмет е закажено за 28 октомври.
Во случајот „Меѓународен сојуз“, заедно со Јовановски обвинети се и Јасна Мандиќ, Фросина Ременски, Миле Јовановски и Христина Блажеска за кривичните дела „измама“ и „перење пари“.