Денеска заменик претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Никола Димитров заедно со амбасадорката на Јапонија во Северна Македонија, Кеико Ханеда, потпишаа Договор за јапонска грант помош за економски и социјален развој.
„Во услови кога светот се соочува со една од најголемите здравствени кризи која има и сериозни социо-економски последици, оваа итна помош од Владата на Јапонија во висина од 100 милиони јапонски јени, или околу 813.000 евра е повеќе од добредојдена. Помошта значително ќе придонесе во јакнење на капацитетите на здравствените установи и ќе им ја олесни работата на здравствени работници кои се на првата линија во борбата против пандемијата“, истакна Димитров кој пред Цереоминијата на потпишувањето на Договорот оствари проштална средба со амбасадорката Ханеда.
„Оваа прилика би сакал да ја искористам во лично и од име на Владата да и’ се заблагодарам на aмбасадорката Ханеда, која како прв резидентен амбасадор во нашата земја, значително придонесе кон унапредување на билатералните односи како и зголемување на јапонските развојни средства за поддршка на проекти.
Како Национален координатор за странската помош ќе се залагам за понатамошно продлабочување на билатералните односи и соработка и верувам дека покрај развојната, ќе успееме да ја унапредиме и економската, културната и политичката соработка со Јапонија“, порача Димитров.
„Во моментов секоја земја се бори со корона вирусот со сопствени мерки и здравствени капацититети. Во исто време меѓународната соработка е засилена за време на оваа здравствена криза. Јапонија е среќна што може да ги поддржи вашите напори.
Јапонија секогаш ги поддржувала вашите реформи кон Евро-атлантскиот пат. Во оваа прилика би сакала да ви честитам за вашето членство во НАТО и почетокот за пристапни преговори за ЕУ. Вашите напори во реформите ќе се интензивираат и Јапонија би сакала да продолжи да ги поддржува“, нагласи амбасадорката Ханеда на церемонијата.
На Церемонијата на потпишувањето на Договорот присуствуваше и министерот за здравство Венко Филипче кој истакна дека донацијата од јапонската амбасада е значајна помош и поддршка на здравствениот систем, таму кадешто е најмногу потребна.
„Амбасадата на Јапонија е една од амбасадите којашто е многу активна. Во рамките на соработката со здравствениот сектор, која во континуитет трае многу години наназад. Сведоци сме и сега дека огромен број на соодветна медицинска опрема и покрај тоа што е донирана пред повеќе од 20 години совршено функционира и се уште се аплицира во здравствената дејност, помагајќи на тој начин во услугите кои ги добиваат пациентите. Многу е карактеристично за секоја една од донациите кои досега сме ги добиле од амбасадата на Јапонија и Јапонската држава и народ дека е многу детално проучена. На кој начин ги анализираме, на кој начин ќе се користи и дали вистински ќе служи на потребите на нашите пациенти. Во таа смисла, поддршката на регионалните центри, здравствени домови во Кратово, Кавадарци, Македонски Брод, во Скопје беше нешто на што интензивно работевме во изминатиот период. Сакам да се заблагодарам да посакам оваа успешна соработка да продолжи и понатаму”, потенцираше министерот Филипче и додаде дека за првпат во нашата земја, благодарение на јапонската амбасада достапен стана лекот „Авиган” за пациенти со ковид-19.