Поранешниот бугарски премиер и лидер на конзервативната партија Граѓани за европски развој на Бугарија (ГЕРБ), Бојко Борисов најави дека ќе иницира поништување на резултатите од парламентарните избори во земјата, одржани на 12 мај, поради „неправилности на денот пред гласањето“.
– Денеска или утре ГЕРБ ќе поднесе жалба до Уставниот суд и ќе бара поништување на изборите… поради грубо кршење на законите дента воочи гласањето, нагласи Борисов.
Според Борисов, доколку Уставниот суд на донесе одлука по ваквото барање до денот на одржувањето на конститутивната седница на новото Народно собрание, ГЕРБ, која има најмнигу пратенички мандати, ќе се обиде да формира малцинска влада иако знае дека таа нема да биде поддржана во Парламентот.
Доколку, ГЕРБ не успее да формира влада која ќе добите мнозинска поддршка во Парламентот, мандатот за формирање владин кабинет ќе го добие втората по бројност парламентарна сила, Бугарската социјалистичка партија (БСП). Социјалистите и нивниот традиционален коалициски партнер, партијата на бугарските Турци – Движењето за права и слободи (ДПС), заедно имаат 120 пратеници или еден помалку од потребните за парламентарно мнозинство. Аналитичарите оценуваат дека БСП и ДПС би можеле да најдат еден пратеник од редовите на ГЕРБ или на националистичката партија Атака, кој би ја поддржал нивната коалициска влада.
Неправилностите за кои говори Борисов се однесуваат на откривањето на 350.000 фалсифуикувани гласачки ливчиња на денот пред изборите, 11 мај, во печатница во сопственост на општиски советник од редовите на ГЕРБ. Според бугарското Јавно обвинителство, во печатница во градот Костинброд биле пронајдени „над 350.000 отпечатени ливчиња, кои биле подготвени за употреба на парламентраните избори“.