Центарот за управување со кризи (ЦУК) и Синдикатот на вработените во Центарот за управување со кризи (СВЦУК-СОБ) денеска одбележуваат 15 години од постоењето, а како што информира Илија Бојаровски, претседател на СВЦУК – СОБ, се уште не ги остваруваат условите за бенефиции што ги имаат нивните колеги од Министерството за одбрана (МО) и Армијата.
-Како Синдикат на вработените во ЦУК во 2005 година континуитетот го продолживме со Синдикатот во кој и членувавме и до дотогаш – Синдикатот на одбраната и безбедноста, СОБ. Интегрално се залагаме да се остваруваат правата и бенефициите што веќе се остварени во Министерството за одбрана и Армијата со потпишување и на конкретен колективен договор со министерот за одбрана, вели Бојаровски во пишано соопштение до медиумите.
Нашиот колективен договор, додава, е подготвен неколку години и се чека да биде доконкретизиран и потпишан од страна на функционер што е назначен од Владата за директор.
-За жал, последниот назначен функционер за директор на ЦУК се уште одбива да оствари средба со нашиот синдикат необјаснувајќи ни зошто тоа го прави, иако ние во октомври 2016 година уредно му доставивме покана за средба и состанок, како и што тоа го правиме и до денешен ден. Но, заради неразбирливото одбивање да комуницира и оствари средба со нашиот синдикат, ги искористивме и ќе ги искористиме и понатаму демократските средства и начини за комуникација и преку јавноста за остварување на правата на вработените и стратешките насоки посочени од ЕУ за професионално функционирање и раководење на ЦУК во рамки на кризниот менаџмент на државата и светот, како најважен дел од СУК, вели Бојаровски.
Се надеваме, додава, дека и Владата, конкретно премиерот, како наш работодавец по ветикална административна линија на хиерхија, ќе го земе предвид нашето и официјално административно и јавно укажување за подобрување на работите во ЦУК и за остварување на стратешките насоки и за доброто на државата.
ЦУК официјално почна да функционира на 1 октомври 2005 година со преземени вработени коишто дотогаш беа дел од Министерството за одбрана и Армијата, а на 5 октомври истата година беше промовиран во јавноста со пригодна промотивна свечененост од тогашните прв в.д. директор Златко Аневски и министер за одбрана Јован Манасијевски.