Отвореното првенство во тенис на Британија ќе се одржи следната година дури и без навивачи на трибините, соопштија денеска организаторите.
Годинешниот турнир беше откажан поради коронавирусот, а тоа беше прво откажување на „Вимблдон“ по Втората светска војна. Организаторите, тенискиот клуб „Ол Ингланд“ не сакаа да го одржат натпреварувањето без гледачи оваа година, но успехот на УС Опен и другите спортски настани им го смени мислењето, пренесува „Тајмс“.
Флешинг Медоус се одржа без приврзаници, а тенисерите беа во „меур“, додека „Ролан Гарос“ дозволи 1.000 луѓе на ден.
– Активно го планираме следното издание на Вимблдон и разгледуваме различни опции во моментот, со оглед на тоа што останува уште некое време до турнирот, се вели во соопштението на организаторите на „Вимблдон“.
Сепак, тие додадоа дека е рано да се дадат последни предвидувања.
„Вимблдон“ имаше осигурување за пандемијата оваа година, но нема да има следната година, што значи дека ново откажување на турнирот ќе има огромен финансиски ефект врз британскиот тенис.
Енди Мареј, двократен шампион на турнирот, повика Гренд слем турнирот да се одржи со или без навивачи, а мислењето на поранешниот број 1 беше споделено со организаторите, според објавените информации.
Следниот „Вимблдон“ е закажан за 28 јуни.