По повод одбележувањето на Светската недела на детето, Домот на културата во Гевгелија денеска организира уличен перформанс на живи скулптури, наречен „Ноќ во музејот“, кој ќе се одржи на платото пред споменикот на Сава Михајлов во центарот на градот.
Гости на манифестацијата ќе бидат уметници од кавадаречкиот Дом на културата „Иван Мазнов“ кои на гевгелиските деца ќе им претстават авантури од Лименко, Каубојот, Добрата вила и многу други ликови од сказните.
Од Домот на културата во Гевгелија апелираат до посетителите на настанот да ги почитуваат протоколите за организирање настани и да ги применуваат заштитните мерки против ширење на Ковид-19.
Домот на културата од Гевгелија минатата година ја одбележа манифестацијата со театарска претстава во сопствена продукција.