На сцената во амфитеатарот во Младинскиот парк во Велес синоќа свечено беа отворени 57-те Рацинови средби. Средбите за отворени традиционално ги прогласи градоначалникот Аце Коцевски во својство на организатот на оваа меѓународна културна манифестација, кој потсети на големото значење на безвремениот Коста Солев Рацин и на неговата стихозбирка „Бели Мугри“ издадена во ноември 1939 година во Самобор, Хрватска што е преведена на сите светски јазици.
Традиционалната „Беседа за Рацин“ годинава ја одржа проф д-р Васил Тоциновски, кој потенцира дека е познато егзистенцијалното правило, оти многу нешта во животот остануваат едни и единствени во најубавата смисла на зборот, недостижни. Тој заклучи дека таков си останал и втемелувачот на современата македонска литература Кочо Рацин меѓу неговите два брега и две стрмнини.
-Рацин остана недофатлив со сите значења и димензии на неговите хоризонтали и вертикали. Нема друг таков пример во македонската практика каков што е Рациновиот кому му се посветени најдобри страници. Во тој фонд се неколку десетици монографски трудови чии потписници се бележити домашни и странски автори. Воедно и уште по десетици толку помножено неговата библиотека ја разубавуваат посебни зборници меѓу кои посебно место имаат оние од научните собири на традиционалните Рацинови средби. Неговиот лик го оживотвориле многу ликовни уметници кои притоа создале своевидна ликовна биографија за големиот човек, поет и револуционер кој зрачел и значел и низ моќните медиуми радиото, филмот и телевизијата. Најголем дел од неговите стихови станале подлога на бројни музички дела. Не само што е лектирен автор, туку како природно задолжение неговиот македонски народ наизуст ги знае неговите стихови и секојдневно се потсетува на нив ги гласноговори како утеха и помош, потенцира проф д-р Тоциновски за Рацин.
Потоа се одржа и традиционалниот Поетски митинг на кој учество земаа македонски поети и гости од соседна Србија и Бугарија, а онлајн настап на видео бимот со свои стохови имаа поети од повеќе земји во светот како Италија, Јапонија, Аргентина, Индија и други. Вечерта беше збогатена со концерт на групата „Синтезис“.
Инаку, вчера 57-те Рацинови средби започнаа со Меѓународна конференција „75 години современ македонски јазик, азбука и правопис“ а беа промовирани и „Зборниците од меѓународните научни конференции“ во рамки на Рациновите средби.
Попладнето, организаторите и учесниците положија букети свежо цвеќе на спомениците на Рацин, а беа засадени и дрвца во „Шумата на Рацин“ кај Спомен костурницата од НОВ каде меѓу борците почива и Коста Солев Рацин.
Програмата на 57-те Рацинови средби во Велес продолжува попладнево во 17:40 часот со традиционалната посета на Спомен куќата на Рацин во стариот дел на Велес. Таму ќе биде промовирана збирка поезија „Млади поети 2019, Слушни ја тишината“ во издание на Агенцијата за млади и спорт, а промотори ќе бидат проф д-р Христо Петрески и проф д-р Кристина Николова.
Свеченото затворање на 57-те Рацинови средби е вечерва во 19:00 часот во Народниот театар „Јордан Хаџи Константинов-Џинот“ каде ќе се одржи „Рацин во фрагмент“ во изведба на актери од велешкиот Народен театар. Потоа на видео бим ќе бидат претставени портретите на добитниците на Рациновото признание за 2020 – Томислав Османли и на Почесното Рациново признание – проф д-р Виктор Фридман од Чикаго САД и проф д-р Јоуко Сакари Линстед од Хелсинки Финска, по што ќе се додели Рациновото признание на Томислав Османли за неговата книга раскази „Парадоксион“ во издание на ВиГ Зеница Скопје. Свеченоста ќе заврши со настап на Градскиот Камерен оркестар.