Силно невреме со дожд и ветер, а наместа и град, го зафати денес поголемиот дел од Балканскиот Полуостров, а циклонот беше посебно силен на брегот на Јадранското Море.
Во повеќе хрватски и црногорски приморски градови улиците се поплавени, а сообраќајот и движењето се блокирани, јавуваат регионалните медиуми.
Во Шибеник, според локалните метеоролози, паднале 30 литри дожд на метар квадратен, а градот е речиси целосно парализиран поради водата која се слева низ улиците.
Метеоролозите за викендов најавуваат нови врнежи, а на сила е портокалово предупредување за поплави во повеќе хрватски региони.