Еден од петтемина полицајци од Велес кои синоќа биле нападнати од дрвокрадци има тешки телесни повреди. Тој од синоќа е во Клиничкиот центар во Скопје, а денес го посетија министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски и директорот на Бирото за јавна безбедност Сашо Тасевски.
„Нападнатиот полицаец има фрактура на черепот, на коските на лицето и фрактура на подлакттицата. Контактибилен е, но во тешка состојба. Ударот на полицаец е удар на државата“, рече министерот Спасовски кој очекува наскоро сите петмина повредени полицајци да закрепнат и да се вратат на обврските.
Двајца од нападнатите полицајци синоќа биле пуштени на домашно лекување, двајца се задржани во болницата во Велес, а најтешко повредениот е префрлен во Скопје.
За нападот на полицајците се приведени четворица, а идентификувани биле десетмина, но претресите продолжуваат. Министерот Спасовски очекува брзо да постапи и Обвинителството.
Тој нагласи дека во Владата заедно со министерот за правда Бојан Маричиќ ќе отворат дебата за да најдат начин да ги демотивираат напаѓачите на полициските службеници.
„Секој што ќе нападне полициски службеник ќе се соочи со законот. Напад врз полициски службеник е сериозно кривично дели и нема да се толерира“, рече министерот Спасовски и нагласи дека досега нема случај на притворени напаѓачи на полицајци.
Според министерот, нападот на полицајците е одговор на насилниците по зачестените контроли. Велешките полицајци биле нападнати синоќа, во атарот на селото Степанци.