Франција гледа капацитети во Северна Македонија за европските интеграции. Важно е нашата држава да го задржи курсот напред на евроатлантскиот пат, било посочено на средбата меѓу премиерот Зоран Заев и францускиот амбасадор во заминување Кристиан Тимоние.
Премиерот Заев, како што соопшти владината прес-служба, изразил благодарност до амбасадорот Тимоние, за неговата посветена и принципиелна работа во насока на развој на демократските и европските вредности во нашата држава.
-Покажавме дека имаме капацитети да носиме одлуки со коишто државата оди напред. Станавме членка на НАТО, добивме одлука за почеток на преговорите со ЕУ и ја очекуваме меѓувладината седница за отпочнување на преговорите, ја зацврстивме меѓуетничката кохезија дома, ги развиваме и понатаму добрососедските односи, што го покажа посетата на Атина каде зборувавме за економија и соработка на бизнисите. Сега сме силно посветени на борбата против криминалот и корупцијата и владеењето на правото, што е потребно во европските интеграции, но и за нашите граѓани, кои очекуваат да ги обезбедиме европските стандарди дома, рече премиерот.
На средбата е изразена заедничка согласност дека конструктивноста од страна на сите политички субјекти е важен фактор во развојот на државата, стои во соопштението.
Разговарано e и за можностите што се пред Северна Македонија и Франција во развојот на билатералната соработка, посебно во економијата, здравството, енергијата и зелената енергија, дигитализацијата и е констатирано дека има услови за интензивирање на соработката.