Петнаесетина реномирани македонски уметници од денеска ќе творат паралелно во Меѓународниот центар за уметност „Арт Поинт – Гумно“ од село Слоештица, Демир Хисар, и во село Цапари, Битола на Меѓународната ликовна колонија „Де Ниро“.
Паралелните ликовни колонии ќе почнат со заедничка свеченост на којашто со потпишување на Повелба за збратимување ќе биде официјализирана 15-годишната соработка на организациите.
На уметничкото гумно во село Слоештица до петти октомври ќе гостуваат уметниците: Дијана Томиќ – Радевска, Пандора и Сашо Саздовски, Филип Велковски, Горан Ристовски и Кети Талевска.
Во село Цапари до 30 септември ќе гостуваат уметниците: Елена Ѓоргиевска, Симонида Филипова Китановска, Жарко Башески, Стефан Малбашиќ, Сашо Н. Алушевски, Симона Мирчевска и Вацлав Лукич . Почесен гостин е Беди Ибрахим.
– Во услови на изолација поради глобалната пандемија, природата, ненаметливо почна да ни се наметнува. Во отсуство на вревата што вообичаено ја создаваме ние, луѓето, заитани кон материјалното, звуците што ги слушаме од природата како да не канат да нурнеме подлабоко во нас самите. И тогаш, ни се отвораат прашања за суштината на битисувањето, за нашата врска со природата, за уметноста како можност, локално, но и глобално да проговориме за таа релација, за водите што се поврзани и на тој начин го поврзуваат целиот свет, а особено сите уметници од светот, соопшти Меѓународниот центар за уметност „Арт Поинт – Гумно“ од Слоештица.
И двете ликовни колонии се делумно поддржани од Министерство за култура. На отворањето и за времетраењето на колониите, целосно ќе се почитуваат одредбите од протоколите за организирање на настани во услови на пандемијата со Ковид-19.