Уставниот рок за црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ да предложи премиер е 30 дена од конституирање на парламентарно мнозинство.
Кабинетот на Ѓукановиќ соопшти дека претседателот ќе предложи мандатар до 23 октомври.
„Согласно Уставот, претседателот на Црна Гора ќе ги изврши предвидените процедури и ќе предложи мандатар за состав на влада во рок од 30 дена од денот на конституирање на Парламентот“, изјавија од кабинетот на Ѓукановиќ за црногорски медиуми.
Пратениците на новото парламентарно мнозинство – 41, со свој потпис вчера го поддржаа носителот на листата За иднина на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, за мандатар на новата влада.
Мандатарот ја објавува својата програма во Собранието и го предлага составот на владата. Собранието одлучува за програмата на мандатарот и за предлогот за состав на владата истовремено.