Канцеларијата на Специјалниот обвинител при Меѓународниот суд за воени злосторства во Косово потрвди дека денеска е упасен поранешниот шеф на разузнавање на Безбедносните сили на Косово (ФСК) и некогашен офицер на Ослободителната војска на Косово (ОВК) Салих Мустафа, што е прво апсење на лице за кое е покренато обвинение пред Судот во Хаг.
Според соопштението на Обвинителството, Мустафа е уапсен врз основа на меѓународна потерница и обвинение потврдено од судија во претходна постапка на Специјализираните комори, како што е официјалниот назив на Трибуналот.
Апсењето е изведено во Косово и Мустафа е веднаш упатен за Хаг, каде што ќе биде задржан во притворното одделение на Судот и во најскоро време изведен пред надлежен судија.
– Според Законот за Специјализираните комори и Канцеларијата на Специјалниот обвинител, полицијата во рамките на Канцеларијата на Специјалниот обвинител има авторитет и одговорност да ги извршува надлежностите кои ѝ се дадени на Полицијата на Косово, согласно законите на Косово. Во Законот… исто така се предвидува дека лицето против кое ќе се потврди обвинение ќе биде приведено врз основа на потерница или налог за апсење издаден од Специјализираните комори, се наведува во соопштението.
Членови на семејсвото на Мустафа изјавија за приштинските медиуми дека апсењето го извршиле членови на Меѓународната правна мисија во Косово ЕУЛЕКС и дека тие им кажале дека ќе го пренесат во Хаг.
Од Министерството за одбрана на Косово потврдија дека Мустафа е уапсен, но се уште немаат официјална информација за тоа кој го извел апсењето.
Мустафа е интервјуиран од обвинителите на Специјализираните комори во Хаг во ноември минатата година, во својство на осомничен за воени злосторства.
Судот во Хаг, кој во косовската јавност е познат како „Суд за ОВК“, е основан пред пет години од страна на косовското Собрание, а го водат меѓународни обвинители и судии. Формалната работа ја започна во јануари минатата година, со испитувањето на еден од поранешните команданти на ОВК.
Покана да се јават пред обвинителството, во својство на осомничени или сведоци за злосторства против цивилното албанско и српско население во Косово за време и по последната војна со Србија, според досегашните информации, имаат добиено над 300 поранешни водачи или други припадници на ОВК.
Меѓу последните обвинети се и двајца од основачите и водачите на ОВК, претседателот на Косово Хашим Тачи и лидерот на Демократската партија на Косово и доскорешен собраниски спикер, Кадри Весели, како и поранешниот шеф на Главниот штаб на ОВК и подоцна прмиер на Косово, Агим Чеку.
Истрагите, како што е најавено, се сконцентрирани на претпоставени злосторства во периодот од јануари 1998 до декември 2000 година.
Мустафа е првиот од осомничените поранешни водачи и припадници на ОВК против кого е официјално подигнато обвинение за воени злосотрства.