Експратеничката Даниела Рангелова која е ослободена од обвинение во предметот „Насилство во Центар“, по судењето, на сведоците кои лажно сведочеле против неа им порача да им служи на чест. Таа не очекува напад од ВМРО-ДПМНЕ, бидејќи, како што рече, слободно ќе може да возврати на сите кои ќе ја нападнат.
„Верувам во судскиот систем и драго ми е што излезе вака. Ќе им порачам само на оние сведоци кои што лажно сведочеа против мене, нека им служи на чест, без да навлегувам во нивните лични намери. Не очекувам ништо од партијата, сега ми е полесно бидејќи сега можам слободно да возвратам на сите што ќе ме нападнат. Да не бев во овој обвинителен акт ќе можев многу послободно да делувам изминатиов период бидејќи бев повикувана дека ќе се пазарам. Сега си ја докажав правдата и сега можам слободно да се пресметам со тие што ме обвинуваа. Жал ми е што требаше четири години да се докажуваме, но со овие аргументи сега излегува токму она спротивното што тврдеше Мицкоски и компанија и сега можеме лично да се пресметаме на еден дуел. Можеби не се чувствува достоинствено да излегува со некои бивши функционери од партијата, но со оглед на моето партиско искуство, би сакала очи во очи да се пресметаме кој одработувал за оваа власт, дали ние или тој“, рече Рангелова.
Сега, во предметот остануваат обвинети Миле Јанакиески, Никола Груески кој е амнестиран од експретседателот на државата, Ѓорѓе Иванов и уште неколкумина кои се товарат дека го извршиле насилството пред општината.