Министерот за надворешни работи Бујар Османи денеска имаше проштална средба со амбасадорката на Јапонија во земјава Кеико Ханеда, по повод завршувањето на нејзината дипломатска мисија и заминувањето од државата.
Во таа прилика, како што соопшти Министерството за надворешни работи, Османи на амбасадорката Ханеда ѝ врачи плакета-благодарница за извонредниот ангажман и личниот придонес во развојот на билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Јапонија, посакувајќи ѝ успех во нејзините натамошни ангажмани во дипломатската кариера.
– Како прв јапонски резидентен амбасадор во нашата земја, оставивте длабок печат во развојот на односите меѓу Северна Македонија и Јапонија, особено преку вашето лично залагање и несебичната помош од Владата на Јапонија. Повеќе од 20 години добиваме донации и наменски проекти од народот на Јапонија, особено во здравствениот сектор, локалната самоуправа, образованието и останатите јавните установи што претставува исклучително позитивен придонес во развојот на сите овие сектори, истакна Османи.
Во сличен тон, како што се наведува во соопштението, соговорниците односите меѓу двете земји ги оценија како исклучително пријателски, базирани на традиционалното партнерство и соработка.
– Амбасадорот Ханеда се заблагодари за гостопримството и успешната соработка во изминатиот период и ја пренесе заложбата за натамошно продлабочување на билатералните односи, како и за подготвеноста на јапонската страна за продолжување на развојна поддршка на Република Северна Македонија, се додава во соопштението на МНР.