Автобусите на ЈСП утрово се преполни. Патниците не само што не седат преку едно столче туку едвај наоѓаат место и за стоење. Растојание нема и меѓу оние што седат и меѓу оние што стојат. Патниците се жалат дека ги снемало и налепниците со кои било обележано каде може да се седне поставени за заштита од вирусот Ковид-19.
„Автобусот се преполни и уште на првите неколку станици. Не само што не се држеше растојание туку снема и воздух внатре од метежот. Морав да се симнав две станици порано и да пешачам оти внатре не се дишеше. И вака не е само денес. Откако повторно дозволија учениците да се возат, се врати метежот во ЈСП“, се пожали патничка на линијата број 5 која сообраќа од Ново Лисиче до Карпош.
Од ЈСП се недостапни за објаснување за метежот и исчезнатите налепници.
Во април годинава ЈСП со налепници ги обележа седиштата на кои е забрането седење, а со налепници на подот обележа каде може безбедно да се стои. Беа најавени двојни контроли за почитување на мерките и од ЈСП и од полицијата.
Од први септември повторно е вратен бесплатниот превоз за средношколци. Одлуката за бесплатен превоз на возрасни лица во вторник, петок и недела се уште не важи.
Ограничувањата во јавниот превоз беа воведени како мерка за заштита од ширењето на коронавирусот.