Македонскиот ПЕН центар изрази длабоко жалење за ненадејната смрт на нивниот истакнат член – македонскиот книжевен критичар, раскажувач, романописец, драматург и поет Данило Коцевски.
Оттаму велат дека Коцевски со својот полиграфски талент се вградил во современата македонска книжевност и култура не само како автор на триесетина книги од различни жанрови, туку и како главен уредник на списанието „Разгледи”, неуморен и долгогодишен хроничар на градот Скопје, директор на „Струшките вечери на поезијата”, еден од иницијаторите за основањето на Институтот за македонска литература, како и еден од клучните книжевни критичари кои ја проследуваа поетиката на постмодернизмот во македонскиот и јужнословенскиот контекст.
– Книжевната критика на Данило Коцевски блика со префинето разбирање на книжевните процеси и новите текови во уметноста. И кога пишува за Одисеј и кога пишува за Ное, во неговите прозни остварувања, Коцевски ја покажува вечната актуелност и естетска продуктивност на митот. Како суптилен и пасиониран хроничар на Скопје, Коцевски спаси од заборавот стотици легенди, анегдоти и куриозитети поврзани со зналајни настани и личности од историјата на македонската метропола, велат од Македонскиот ПЕН центар.
Коцевски, како што посочуваат од ПЕН центарот, бил жива енциклопедија за Скопје и скопјани.
За творечките дострели во доменот на прозата, критиката и публицистиката, Коцевски беше наградуван со низа престижни книжевни признанија, а несомнен е и неговиот придонес за развојот на македонското новинарство. Со своето богато критичарско и белетристичко искуство и со живиот интерес за интеркултурната соработка, како член на Управниот одбор во неколку мандати, Коцевски даде придонес во активностите на Македонскиот ПЕН центар, а неодамна беше и македонски делегат на Меѓународниот конгрес на Словенечкиот ПЕН центар во Блед (2019).
– Уверени сме дека неговата извонредна интелектуална љубопитност, овоплотена во раскошниот книжевен и публицистички опус, ќе биде патоказ како за сегашните, така и за идните поколенија, велат од Македонскиот ПЕН центар.