Министерот за правда Бојан Маричиќ денеска оствари средба со италијанскиот амбасадор во Република Северна Македонија Карло Ромео, на која го запозна со активностите на Министерството за правда и подготовките околу преговорите за Поглавјето 23: Правосудство и фундаментални права.
На средбата, како што соопшти Министерството за правда, станало збор околу соработката помеѓу двете држави и експертската поддршка на Италија во евроинтеграцискиот процес, поточно судската соработка во кривична и граѓанска материја која се третира во Поглавјето 24, како и за борбата против организираниот криминал и корупцијата како дел од Поглавје 23.
Министерот Маричиќ се заблагодарил за досегашната поддршка од Италија со надеж дека одличната билатерална соработка ќе продолжи и во иднина.