Пред градскиот базен во Куманово денеска се одржа третиот меѓународен саем на органски и традиционални производи „Органска трпеза”.
Настанот е во организација на Здружението за развој на земјоделство и заштита на животна средина преку истражување, едукација и одржување на биодиверзитет „Живот” – Куманово, а пооддржан е од општина Куманово и Швајцарската агенција за развој.
Во соработка е со Програмата за зголемување на пазарната вработливост-„Име”.
Градоначалникот на општината Максим Димитриевски во своето обраќање на настанот се заблагодари на Здружението „Живот“ кое, како што посочи, ја почитува и негува традицијата, но и корените на се она што значи органско производство.
-Голема е честа Куманово да биде домаќин, еве по третпат на овој настан. Ја користам оваа прилика да се заблагодарам на организаторот Здружение „Живот“, кое не само што ја почитува и негува традицијата, всушност ги почитува нашите оригинални корени во делот на она што значи органско производство и традиционално производство на храна на просториите на Македонија и и пошироко, рече Димитриевски.
Тој се заблагодари и на сите они кои финансиски, логистички и материјално го поддржале настанот, особено на амбасадите од Швајцарија, Германија и останатите државни институции, локални ентузијасти и правни субјекти.
-На сите вас кои доаѓате од останатите градови, од останатите држави од регионот сакам да ви посакам топол и убав престој во Куманово. И во овие тешки ковид услови, сепак се организравме и успеавме да ја запазиме традицијата, рече градоначалникот Димитриевски.