Белорускиот претседател Александар Лукашенко, соочен со масовно протестно движење во земјата во последниот месец, во понеделник ќе допатува во Русија на разговори со претседателот Владимир Путин, соопшти денеска Кремљ.
-Тоа ќе биде работна посета, изјави портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков.
Двете земји, кои со месеци имаат комплицирани односи, ќе разговараат за продлабочување на политичките и економските врски во време кога Лукашенко се обидува да ја зајакне поддршката на Москва во одбраната од протестите против него, пренесуваат француските медиуми.
На прашањето дали средбата на двајцата лидери ќе биде во Москва, Песков не даде прецизен одговор, а прес-конференција и потпишување некаков договор не се најавени.
Лукашенко, кој е на власт од 1994 година, во последните години постојано го обвинуваше неговиот историски сојузник Русија дека сака Белорусија да ја направи вазал и ја отфрлаше идејата на Москва за продлабочување на Унијата што постои меѓу двете земји.
Дури и пред претседателските избори, што се одржа на 9 август, Лукашенко ја обвини Москва дека дејствува против него.
Меѓутоа, откако протестите против него почнаа пред еден месец и сите го осудија неговиот реизбор на функцијата, Лукашенко направи пресврт во ставовите и побара руска поддршка против, како што тврди, западната операција за негово дестабилизирање.
Во Русија кружат гласини дека Москва би можела да ја искористи ситуацијата и на Минск да му наметне поцврста унија, што Лукашенко досега го отфрлаше во име на суверенитетот и независноста на земјата.
Белоруските опозиционери, од кои повеќето се или уапсени или протерани од земјата, постојано потенцираат дека нивното движење е насочено против Лукашенко и не е ниту проруско, ниту прозападно.
Во Минск во недела се закажни нови масовни демонстрации, петти во последниот месец и половина. с