Во ерата на наплив од безвредни содржини на социјалните мрежи и на интернет воопшто, вистинско освежување е Јутјуб-канал што ги спојува корисното, интересното и едукативното.
Се чини дека ова е добитната комбинација за 20-годишниот автомеханичар Давид од селото Борова кај Сухопоље, на хрватско-унгарската граница, кој стана вистинска ѕвезда со неговите суперинтересни снимки од најразлични возила и направи што самиот ги изработува.
Младиот иноватор, кој се претставува како „Доктор ДС“ или „Доктор Давид“, има 1.3 милиони претплатници на неговиот канал, и со тоа е вториот најпопуларен во Хрватска, зад бендот „2 Cellos“, a со повеќе фанови дури и од Северина.
Меѓу изумите на Давид се: мотоцикл направен од мотокултиватор со автомобилски гуми, квад-возило со шест тркала, картинг направен од косилка и градежна количка… тука се и разни совети поврзани со „фризирање“ на возила и домашни машини, снимки од неговата комплетна обнова на неколку стари мотори Томос, а може да се проследи и комплетната изработка на домашен тенк, во седум продолженија.
Давид досега има објавено преку 200 видеа, кои заедно имаат преку 300 милиони прегледи.
„Ја престигнав Северина пред година и нешто,“ вели младиот генијалец, кој додава дека само од прегледите на Јутјуб заработува три хрватски плати месечно.