По 30 години, Градскиот стадион во Кавадарци ќе добие потполно нов лик. Фудбалската федерација на Македонија (ФФМ) целосно реконструира две трибини (јужна и источна), а целосно покриена со покривна конструкција ќе биде јужната трибина.
Веќе се набавени и 2.000 нови столчиња за стадионот на ФК Тиквеш, а општина Кавадарци потоа целосно ќе ги обнови и модернизира соблекувалните и останатите простории во рамки на стадионот.
Претседателот на ФФМ, Муамед Сејдини вели дека за кратко време е поминат патот од идеја до реализација на проектот.
– Сите знаеме колку стадионот и ФК Тиквеш значи за градот Кавадарци. Исклучитено сме задоволни од досегашниот тек на активностите, напредокот веќе е видлив, а следната пролет ќе ја видиме целосната слика од Градскиот стадион. ФФМ обезбеди средства за изградба и реконструкција на трибините на стадионот, а заедно со општината ќе продолжиме да создаваме услови за подобрување на фудбалската инфраструктура. Благодарност до градоначалникот Јанчев и неговата администрација за обезбедувањето на сета потребна документација и можноста да започнеме со реализација на проектот во најкраток рок, изјави Сејдини.
Градоначалникот на Кавадарци, Митко Јанчев изрази голема благодарност до Фудбалската федерација за реализација на овој проект.
– ФФМ обезбеди средства и врши реконструкција на стадионот. За ваков прилично голем проект, едни без други не можеме и на овој начин само ја унапредуваме нашата соработка. Секојдневно сме во комуникација со луѓето од федерацијата, стадионот на некој начин е „жива материја“ и заеднички се трудиме да направиме позитивни работи за фудбалот и воопшто за спортот во нашиот град. Она што Федерацијата го прави заедно со општините, едноставно, секој мора да го поддржи бидејќи се вложуваат средства, а корист имаат клубовите. Драго ми е што и ние како локална самоуправа после многу години создаваме поинаква слика за Градскиот стадион, а тоа е вредност за градот која ќе трае и ќе биде поттик за многу идни генерации фудбалери, изјави Јанчев.