Турскиот премиер Реџеп Таип Ердоган за американската телевизија „НБЦ Њуз“ изјави дека верува оти Сирија употребила хемиско оружје и со тоа ја поминала „црвената линија“ поставена од американскиот претседател Барак Обама.
– Јасно е дека сирискиот режим употребил хемиско оружје и ракети – посочи Ердоган, не изнесувајќи повеќе детали кога и каде е употребено такво оружје.
Тој оцени дека „црвената линија“ на Обама одамна е премината и ги повика САД на интензивна акција против сирискиот претседател Башар ал Асад.
– Сакаме САД да преземат поголема одговорност и да преземат понатамошни чекори, а кои чекори ќе ги преземат, за тоа ќе разговараме – додава Ердоган, кој ќе се сретне со Обама на 16 мај.
Ердоган тврди дека во турските болници има сириски пациенти кои покажуваат знаци дека биле жртви на хемиско оружје, а пронајдени се и „остатоци од ракети“ за кои се верува дека се користени во тие напади.