Шефот на Делегацијата на Европската унија Венсан Дежер, денес изјави дека премиерот на Србија Ивица Дачиќ и косовскиот премиер Хашим Тачи на претстојниот состанок во Брисел нема да потпишат договор за нормализација на односите, бидејќи тоа го направија во април.
Тој додаде дека во спротивно тоа би значело дека ќе треба повторно да се преговара на политичко ниво.
-Премиерите не треба да ги разгледуваат деталите и се надевам дека ќе успеат да постигнат решение за примена на постигнатиот договор – рече Дежер во текот на дебатата „Европските можности на Србија и Балкан“.
На прашањето на „Танјуг“ да го искоментира пишувањето на медиумите дека Дачиќ и Тачи на претстојниот состанок во Брисел ќе потпишат договор за нормализација на односите, тој одговори дека договорот е потпишан, а сега е важна неговата примена.
-Двете страни мора да се договорат околу тоа. Моментално нема јасен договор помеѓу Белград и Приштина како тој да се спроведе на терен- истакна тој.
Дежер изрази надеж дека Србија ќе добие датум за почеток на преговорите за пристапување во ЕУ.
-Се надевам дека неколку дена пред 1-ви јули ќе имаме добри вести за Србија – додаде шефот на делегацијата на ЕУ.
Според него ЕУ не сака да наметнува решение, а Белград и Приштина треба да пронајдат одржливо решение за доброто на луѓето кои живеат на Косово.
Елена Георгиевска