Во Промотивниот центар на Саемот на книга во Скопје, издавачката куќа „Бата прес“ денеска во 13 часот медиумски ќе го промовира проектот „Време е за книга“, поддржан од Министерството за култура и Европската унија во рамките на програмата „Креативна Европа“ за литературни преводи.
При реализација на проектот, „Бата прес“ објави десет книги од познати европски автори. Станува збор за седум книги за деца и млади и три книги на добитници на реномираната Европска награда за литература.
Во официјалната програма на Саемот ќе бидат промовирани преводите на следниве книги: „Единственото сеќавање на Флора Бенкс“ од Емили Бар, (од англиски јазик), „Пирати од леденото море“ од Фрида Нилсон (од шведски јазик), Ереб од Урсула Познански (од германски јазик), „Хотел со големо Л“ Шурд Кајпер (од холандски јазик), „Волшебницата од долниот кат“ од Марчин Шчигелски, илустрации Магда Вошик (од полски јазик), „Слаткарницата на кривогледиот Џим“ од Марек Томан (од чешки јазик), „Албум приказни“ од Андонис Георгиоу (од грчки јазик), Теодосиј малиот од Разван Радулеску (од романски јазик), „Продавачот на сладолед“ од Катрин Липсон (од фински јазик) и „Вон жариштето“ од Кјара Карминати, (од италијански јазик).
Поради кризата со новиот коронавирус, авторите на делата нема да присуствуваат на промоцијата на делата во Скопје, но во текот на кампањата до крајот на оваа година ќе имаат интервјуа и видео обраќања до читателите, а за промоциите „Бата прес“ подготви плакат, проспекти, аудио и видео трејлери, претставување на социјалните мрежи и други современи алатки за промоција на делата.