Комисијата за заразни болести и Министерството за здравство да објават листа на коморбидитети кои се забележани кај починатите од Ковид-19 (тие дијагнози соодветно да се ослободат и понатаму од работа), дел од хронично болните кои се со најголем ризик на смртност од Ковид-19 да останат ослободени од работа (списокот на најризичните хронични болести да биде доставен од соодветните клиники до Комисијата за заразни болести), а враќањето на работа на хронично болните да се одвива според одредени критеритуми, бидејќи сите пациенти со хронични заболувања не се со висок ризик.
Ова се дел од барањата на повеќе здруженија на пациенти во врска со препоракатата на Комисијата за враќање на работа на хронично болните, кои, како што соопштија, денеска ги доставиле до Министерството за здравство, Комисијата за заразни болести… Здруженијата денеска одржаа он лајн состанок.
– За помалку ризичните случаи на пациенти со хронични болести да се одлучува индивидуално (односно потврдата да ја издаде специјалистот соодветно според болеста, лекувањето, работното место на кое се наоѓаат пациентите). За специјалистите да може да вршат соодветно контролни прегледи за да издадат потврда, да се обезбедат посебно термини на клиниките (пример втора смена на работа и дисперзија преку субспецијалисти и специјалисти во други градови освен Скопје). При донесување на одлуки за засегнатите пациенти, докторите специјалисти и институциите да ги контактираат соодветните здруженија за да се донесат правилни одлуки, стои во барањата од здруженијата на пациенти „Борка“, „Живот со предизвици“, за помош и поддршка на лицата со мултиплекс склероза, за хронична миелоична леукемија, Сојузот на здруженија на дијабетичари на Македонија, Нефрон, Хепар центар, „Пеперутка“ и Алијанса на пациентски Организации – АПО.
Здруженијата изразуваат надеж дека ќе бидат земени предвид нивните предлози и бараат да се одржи состанок на претставници на здруженијата со Комисија за заразни болести и министерот за здравство Венко Филипче.