Само што бил донесен од затвор во старата градска болница, Бојан Јовановски веднаш бил ставен на програм за операција, вели неговиот адвокат Сашо Дуковски за „А1он“, кој вели дека неговиот клиент бил донесен со страшни болки.
Јовановски сега е на интензивна нега. Дуковски вели дека не е точна информација дека Јовановски имал запаление на желудникот, а операцијата му била направена бидејќи имал дупка во желудникот, па му била испумпувана течност од стомачната шуплина.
„Мене ми јавија дека тој бил донесен во старата градска болница, а мојата канцеларија е преку улица. Отидов да видам што се случува, а Бојан викаше во чекална, урлаше. Имаше страшни болки. Сега е опериран. Јас не можам да ви кажам детални информации, но ќе ви пренесам што лекарот им кажал на семејството. Констатирано е дека има дупка во желудник, а дали му прснал чир или нешто, не знам. Од прснатиот желудник, течноста му се слевала во стомакот. Да не бил вчера опериран, ќе настанела сепса. Лекарот рекол дека ако не се оперира, вака може да живее уште осум саати“, вели Дуковски.
Во затворот пак, пред да биде пренесен во болница, двапати била повикана Брза помош.
„Имало коректен командир кој дозволил да биде пренесен во болница, откако на тоа укажале лицата од Брзата помош. Анестезијата беше направена со целосна анестезија. Јас имам 50 медицински белешки, а на сите пишува дека треба да има хигиено-диететски режим. Имаме 100 жалби за укинување на притвор. Викаа, тој режим можело да се спроведе во затворот. Еве колку може“, додава Дуковски.