До 2024 година над 50 отсто од енергијата од обновливи извори

Од:

Новата Влада планира фундаментално да го промени енергетскиот профил на државата со цел да ја подготви за идните предизвици за годините што следат и за таа цел сака енергетскиот сектор да биде одржлив и диверзифициран, со евтина енергија и стабилни извори на понуда, а домашното производство значително да се зголеми. Во својата Програма предвидува до 2024 година над 50 отсто од вкупната инсталирана електрична моќност во државата да биде од обновливи извори на енергија со што за повеќе од 20 отсто ќе се намалат емисиите на штетни гасови од енергетските извори.

Во Програмата е предвидено во првите шест месеци од новиот мандат да биде објавен тендер за модернизација и трансформација на ТЕЦ Неготино, во постројка која ќе користи природен гас и ќе обезбеди можности за зголемено земјоделско производство, а се очекува и конечно да почне изградбата на ХЕЦ Чебрен по пат на јавно-приватно партнерство. Владата најавува дека ќе поттикне иновации во фотонапонската технологија и очекува со новите фотоволтаични електрани со инсталирана моќ од 400 мегавати, од кои 100 мегавати се планирани да бидат во ТЕЦ Осломеј, да произведат околу 560 гигават часови електрична енергија или околу 10 отсто од вкупното домашно производство. Планира во наредните четири години да бидат изградени ветерни електрани со моќност од дополнителни 160 мегавати и нови 30 мегавати биогасни електрани, што ќе им бидат понудени на оние инвеститори кои ќе отворат сточарски комбинати или ќе се организираат во задруги.

Планирана е и ревитализација и модернизација на сите три блока во РЕК Битола, со редукција на прашина и десулфуризација, ревитализација и модернизација на Блок 1 за намалување на емисии на азотни оксиди и отворање на можност за употреба на различни типови на гориво, модернизација и санација на разладните кули во РЕК Битола, заради зголемување на нивната ефикасност и замена на азбест цементните материјали со еколошки прифатливи материјали, набавка на помошна механизација за рудниците во РЕК Битола и опрема за дисконтинуиран систем за експлоатација, подготовки за отварање на рудникот Живојно, како и ревитализација на постојните големи хидроелектрани.

Воедно Владата планира целосно да ја реконструира преносната електроенерегетска мрежа и да изгради нови далекуводи и на тој начин да го направи МЕПСО регионален преносен електроенергетски центар. Се планира доизградба на 400 киловолтниот интерконективен далекувод Битола – Елбасан и 400 киловолтната трансформаторска станица во Охрид, нов 400 киловолтен далекувод кој ќе се гради до идната електрана Чебрен заедно со 400 киловолтна трансформаторска станица во близина на електраната, како и зајакнување на електроенергетската мрежа во целата држава со нови далекуводи и трасформаторски станици, со цел да се овозможат новите инвестиции во фотоволтаични и ветерни електрани во целата држава.

Се планира и целосно завршување на магистралните гасоводи и брз развој на дистрибутивни мрежи за домаќинства, административни, комерцијални и индустриски објекти. Според најавите од Владата, ќе се финализира изградбата на магистралниот гасовод Скопје-Тетово-Гостивар со понатаможно продолжување до Кичево. Во консултации со ЗЕЛС ќе се бира најсоодветниот модел за изградба на дистрибутивни мрежи на природен гас.

Во Програмата на Владата се најавува и државна енергетска трансформација со која секој граѓанин ќе добие можност да биде енергетски производител и корисник на еколошки чиста и поевтина енергија. За таа цел се предвидуваат посебни, иновативни и високоефективни проекти за соларни термални колектори со кој ќе бидат опфатени околу 100.000 домаќинства во период од четири години.

Владата ветува дека ќе воспостави иста цена за топлинска енергија и ангажирана моќност во Скопје за сите потрошувачи по категории приклучени на топлификациската мрежа, независно во која општина и населба живеат или ја остваруваат својата дејност. Преку АД ЕСМ планира да изгради топлификациски систем за Битола, Могила и Новаци, како и да го прошири снабдувањето со топлинска енергија во населбите Чаир, Бутел, Скопје Север, Маџари 2 и Лисиче со проширување на топловодната мрежа.

Се најавува и стимулирање на индивидуалните домаќинства и зградите за колективно домување, како и јавните објекти да инвестираат во когенеративни уреди за производство на електрична и топлинска енергија.

Преку АД ЕСМ во период од 2022 до 2024 година планирана е градба на нова когенеративна постројка од 50 мегавати во склоп на постојниот објект Енергетика во Железара, со што ќе се овозможи дополнително производство на електрична енергија и ќе се задоволат потребите за топлинска енергија на поевтин начин. Во рамките на регионалните депонии, пак, се најавува потиикнување на изградба на станици за селекција на комуналниот отпад и користење на отпадот за производство на електрична енергија со повластена цена и со гарантиран откуп на произведената енергија.

Би можело да ве интересира

Отворени понудите за универзален снабдувач на електрична енергија за потрошувачите на регулираниот пазар

Горан Наумовски

РЕС ја зацврстува лидерската позиција во снабдувањето со електрична енергија на приватниот сектор

РЕС одбележува една гостина постоење – компанијата донесе најповолно снабдување со електрична енергија во енергетската криза

(ВИДЕО) Објавено е огромно откритие за нуклеарната фузијата, потенцијален извор за бесконечна енергија

Катерина Ѓуровски

Мерки за намалување на потрошувачката на енергија во јавниот сектор во Грција

А1он

Македонија влегува во енергетска криза порачува Делегацијата на германското стопанство

Катерина Ѓуровски