Три години по светската премиера во 2017, претпоследниот филм на Милчо Манчевски „Бикини Мун“ неделава беше прикажан на фестивалот во Нанси, селектиран во најпрестижната категорија „Под ѕвездите“, што воедно беше и француската премиера на филмот.
Како што соопшти продукцијата „Банана филм“, во Нанси беа организирани две проекции, масовно посетени од француската публика.
Фестивалот во Нанси четврти пат селектира дело од Манчевски – пред „Бикини Мун“ на овој фестивал беа прикажувани и „Пред дождот“, „Мајки“, како и краткометражниот филм „Крајот на времето“.
Нанси е еден од најголемите филмски фестивали во регионот Гранд Ест (Источна Франција), се одржува од 28 август до 6 септември со вкупно 130 краткометражни и долгометражни филмови и над сто проекции. Фестивалот се одржа со физичко присуство на публиката и со почитување на мерките за заштита од КОВИД-19.
Исто така, „Бикини Мун“ забележа успех и во САД, откако месецов стана достапен и на националната кабелска мрежа AMC во сите држави во САД.
Истовремено, како што наведува продукцијата, најновиот филм на Манчевски „Врба“ ја продолжува фестивалската турнеја – на 24 август премиерно беше прикажан во Кина, во официјалната селекција на фестивалот во Пекинг.
-Влезниците за проекциите на филмот беа однапред распродадени, а самиот филм доби медиумско внимание со позитивни оценки и од критиката, и од гледачите. Една од критиките го опишува филмот како: „Тажен и длабок. Генијалната комбинација на теми од три епохи ги покажува емпатичните емоции на режисерот“, соопшти продукцијата „Банана филм“ за одгласите за „Врба“ по прикажувањето на филмскиот фестивал во Пекинг. Тој е меѓу најголемите и најзначајните во Кина и заедно со фестивалите во Шангај, Тајпеј и Хонгконг е еден од најзначајните во источна Азија.