Самостојната изложба „Хоризонтала и вертикала” на Билјана Билбилоска ќе биде отворена вечерва во галеријата на Кинотека на Република Северна Македонија во Скопје.
На изложбата ќе бидат изложени дигитални графики направени во текот на 2019-2020 година, инспирирани од средновековната византиска ументост. Се работи за спој помеѓу византиската уметност и современите уметнички текови во сферата на графиката, заедно со современите алатки за ликовно изразување.
Со графичкиот дизајн и со современиот ликовен израз се занимава 15 години.
-Овие дела комуницираат со минатите времиња и со техниките на старите мајстори живописци. Затоа се толку длабоки, но во исто време и толку едноставни, како прочистени од талогот на историјата. Стилизацијата на византиската естетика е доведена до совршенство на минималистичкиот уметнички потег. Цртежот е остар и прецизен како напукнат кристал. Но графиките се само навидум црно-бели, колоритот е пригушен и раскошен, суптилно сокриен во енергијата на формата. Овие графики функционираат како современи икони, вели за изложбата академскиот сликар Никола Пијанманов.
На иста линија рецензира и Мијалко Ѓунисијевиќ, академски сликар, кон овој циклус, кој вели дека ова е начинот на кој Библилоска се обидува да го сврти вниманието кон една голема традиција која е потребна во ова време повеќе од кога било.
-Оваа изложба, смета, е еден вид мисија што се обидува да нѐ повика кон повторно исчитување на својата традиција на еден современ и пред сѐ, оригинален начин… Билјана не нуди одговори, туку го поставува прашањето: што е тоа канон? Оваа изложба е повеќе платформа за дијалог отколку нудење на некое решение за оваа проблематика.“
На изложбата ќе се влегува поединечно или максимално во група од двајца, согласно мерките за заштита од Ковид.