Австрискиот министер за здравство денеска изјави дека вакцината против новиот коронавирус може да биде достапна веќе во јануари. Тој на денешната прес-конференција соопшти дека Австрија, со почетокот на учебната година, влегува во четвртата фаза од борбата против смртоносниот вирус, која ќе трае до појавата на вакцина, што се очекува во јануари или во февруари идната година.
Според австрискиот министер, можно е да се започне со вакцинирање на населението во јануари, веројатно кога во првите денови од новата година ќе бидат доставени 600.000 дози за вакцинација на 300.000 лица.
Првите серии се наменети за оние кои работат во областа на здравството и грижата за болните и старите лица. Според последните проценки на министерството за здравство во Австрија, следната година во летниот период, секој што сака ќе може да се вакцинира.
„Во месеците до тогаш, посебен предизвик за населението ќе бидат хигиенските мерки и носењето маски што особено се важни, бидејќи тие штитат и од други заразни болести што ќе се појават наесен. Потребно е грипот да се држи под контрола за да не биде преоптоварен здравствениот систем“, рече министерот Рудолф Аншобер.
„Спречувањето на вториот бран на Ковид-19 е клучно, бидејќи искуството покажа дека вториот епидемиски бран е посилен од првиот“, додаде тој.