Заврши ликовната колонија „Св. Ѓорѓи“ во виничкото село Блатец, што годинава по втор пат ја организираа Домот на културата „Тошо Арсов” од Виница и Здружение на уметници „УМ”.
Колонијата е од меѓународен карактер, но поради состојбата со коронавирусот оваа година имаше учесници само од нашата држава. Во убавиот и живописен предел околу манастирот твореа 14 ликовни уметници од кои дел се со долгогодишно искуство.
-Мотивите што се сликаа се разнообразни, оригинални и колоритни. Поголем дел се карактеризираат како експресионизам, а присутен е и апстрактниот израз при што на површина излегува спојот меѓу различностите. Кај некои од делата се забележува симболично-минималистички израз, ограничување од користење на многу бои за да се стигне до чиста и јасна стилизирана форма, на изглед едноставна, а во суштина содржајна и воодушевувачки моќна, истакна Благица Стојановска, стручен соработник за визуелни уметности во Домот на културата од Виница.
Уметничките дела на овогодишната колонија, додаде, се работени во масло на платно, акрилна и комбинирана техника, а предизвик беше да се следи процесот на нивно создавање во питомата природна околина на манастирот „Св. Ѓорѓи“.
Колонијата се организираше со поддршка од Општина Виница, а беше спроведена според сите протоколи за работа во услови на пандемија од Ковид-19.