Најмалку пет луѓе загинаа во вчерашниот инцидент на пристаниште во северозападниот италијански град Џенова. Четири луѓе се водат како исчезнати. Уште толку се повредени и се во болница.
Сите загинати се вработени во пристаништето.
Несреќата се случила откако брод удрил во контролната кула во пристаништето. Огромната, над 50 метри висока кула, е урната од сударот.
Инцидентот се случил точно при предавањето на смените на вработените и затоа во кулата имало повеќе луѓе од вообичаеното. Три лица веројатно биле блокирани во лифтот на кулата и можеби паднале во морето.
Сударот се случил додека товарниот брод „Џоли Неро“ менаверирал на излегување од пристаништето. Бродот со должина од 238 метри и тежина од 40.594 тони е сопственост на компанијата Инацио Месина енд. Ко.