По повод Денот на Европа – 9 Мај, вечер во галеријата Остен ќе биде отворена изложбата на реномираниот унгарско-француски уметник Виктор Вазарели, татко на оп-арт правецот во уметноста.
На изложбата ќе бидат изложени околу 70 уметнички дела на овој светски познат уметник, од кои три цртежи, два колажи, четири дела со комбинирана техника, пет скулптури, а останатиот дел се графики. Главно творештвото на Вазарели припаѓа на уметничкиот правец оп-арт или оптичка уметност заснована врз интеракцијата меѓу реалната слика и имагинацијата, создавајќи уметност преку оптички илузии.
Организатори на изложбата се Остен, Делегацијата на ЕУ, Унгарската амбасада и Францускиот институт во Скопје. Оваа изложба се реализира затоа што Остен во својата колекцијата има 90 дела на Вазарели од колекцијата на Тибор Чепеи, Будимпешта, кој беше носител и на наградата Светско културно наследство во рамки на 37.Светска галерија на цртеж, Скопје 2009.
На пат за Скопје, како што изјави извршниот директор на Остен Корнелија Конеска, е портрет-филмот за Виктор Вазарели, обезбеден во соработка со Унгарската амбасада во Македонија и со Националната телевизија на Унгарија. Филмот откако ќе пристигне, ќе се емитува цел ден, континуирано, во рамки на изложбата. Филмот трае 55 минути, а во моментов се подготвува превод од унгарски.
Изложбата ќе биде отворена во 20:20 часот, а посетителите ќе можат да ги погледнат изложените дела до 28 мај.