Во рамки на музичкиот дел од програмата на „Охридско лето“ оваа вечер е резервирана за настапот на уметниците од Вокалниот ансамбл „Ноктурно“ од Србија.
Ансамблот „Ноктурно“ е основан во 2005 година, составен од професионални уметници кои се постојани членови на хорот на операта на Народниот театар во Белград. Ансамблот настанал со желба на домашната и странската публика да им се понудат дела од различни жанрови. Во текот на петнаесетте години постоење, ансамблот настапува во различни формации – од мешовит до само женски или само машки состав.
Последните години „Ноктурно“ остварува плодна соработка со диригентот Ѓорѓе Станковиќ и се профилира како машки ансамбл кој ја негува традиционалната и духовна музика од Србија и Балканот. Остваруваат бројни настапи на домашната, српска сцена, но и во странство во САД, Исланд, Хрватска, Северна Македонија и Босна и Херцеговина.
На програмата на вечерашниот концерт во Предворјето на „Света Софија“ се традиционални напеви, црковни и духовни песни прилагодени на хорска изведба. Почетокот на концертот е во стандардниот фестивалски термин од 21 часот.