Турските власти објавија дека ќе ја продолжат својата мисија за истражување на природен гас во Средоземното море за дополнителни пет дена, со што активностите на експедицијата се очекува да траат до следниот вторник.
На 10 август, властите во Анкара, по наредба на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган го испратија истражувачкиот брод Оруч Реис заедно со борбените бродови за кој властите во Грција сметаа дека се на нејзина територија.
Истражувачката експедиција минатата недела ја продолжи својата мисија, по што дојде до ескалација на кризата меѓу Атина и Анкара, а Грција побара помош од Европската унија за да се реши настанатиот спор.
На денешниот неформалниот состанок на министрите за надворешни работи на Унијата, шефот на грчката дипломатија Никос Дендијас, во врска со последните случувања изјави дека исходот од кризата е јасен. Според него, може да настане деескалација или Турција да се соочи со санкции. Тоа беше потврдено и од страна на портпаролот на грчката Влада Стелиос Пецас.
Дендијас очекува високиот претставник за надворешна политика на Унијата, Жозеп Борел да ја претстави листата со санкции за Турција, во случај „земјата да продолжи со провокациите“.
Според претходниот план на турската флота, до 27 август требаше да се повлечат бродовите од спорната област.