„Авалон“ најави уште три концерти во септември и пауза до победа над короната

Од:

Претстојните три концерти на стадионот на АРМ во Скопје на 11, 12 и 13 септември – на „Електрични оргазам“, петтиот „Скопје колинг“ (годинава македонско издание со четири бендови), и концертот на „Бајага и инструктори“ за јубилеј 35 години, ќе бидат веројатно последните организирани од Авалон-продукција во идните шест или седум месеци, рече на прес-конференција сопственикот Бобан Милошески.

Концертите што летово ги имаа со протоколи и во услови на пандемија, рече, ги организирале заради ментална хигиена и ментално здравје на публиката. Не планира организација на нови до пролет и до завршување на коронакризата затоа што стресот е голем, поголем е, рече, и од концертот на Ејми Вајнхаус во Белград пред девет години.

По дозволата за јавни настани на отворено и со протоколи, овој месец „Авалон“ го организираше првиот „Дипер андерграунд“ (15 и 16 август пред А1 арена во Скопје), за кој Милошески рече дека е од март е единствен фестивал на електронска музика во цел свет и дека поминал перфектно, со 150 луѓе на првата вечер и 1000 на втората, а во Битола и Охрид месецов ги организираше и концертите на Амира Медуњанин, Дарко Рундек и Жељко Бебек.

-Нашата фирма е во чудна ситуација, првпат во 30 години да не работи ништо. Одиме кон крај на приказната. Ако не ја дочекаме победата над короната, можеби концертот на Бајага со дел од Филахрмонијата и хор ќе биде последен во наредните шест-седум месеци, зашто вака не можам да работам. За 50 евра толку. Ова е многу стресно. Не само поради протоколите, туку и од економска неисплатливост, потоа затворени граници за да дојдат музичарите, не знаете каде треба карантин, каде не, каде може со авион… Престресно е за да глумиме лудило и да продаваме музика. И да се донесат протоколи за концерти во затворен простор, на верувам дека „Авалон“ ќе работи концерти додека не се врати старата нормала. Не се предавам, но моето чувство е такво, рече Милошески на прес-конференција.

Разочаран е и од колеги и од големиот број, како што рече, чудни здруженија кои се залагале за протоколите за јавни настани, но не се ангажирале, биле незаинтересирани, па и неодговорни за работа во вакви услови. Го спомна концертот на Петар Грашо со прекршени протоколи и, иако не беше организиран од „Авалон“, рече, негативно се одразил кај публиката и инспекторите за нивните два концерта на Бебек два дена подоцна.

-Несфатливо ми е да имаме 17 здруженија за протоколи за концерти отколку концерти што се одржаа под тие протоколи. Максимално се ангажирав за таа приказна да ја истуркаме. Протоколите се случија, но тие чудни здруженија кои вложуваа енергија за протоколи, тотално се незаинтересирани за работа во овие услови. Зошто тогаш се носеа протоколите кога освен Грашо и Нокаут, апсолутно ништо немаше, рече Милошески.

Сепак, задоволен е од тоа што во оваа кризна година успеале да организираат 12-13 концерти, како што рече – импозантна бројка во време на корона. Жал му е за откажаните концерти, особено на „Пласибо“, како и на „Охрид колинг“ кој со години е најголем и веќе препознатлив во ЈИЕ електронски фестивал што „Авалон“ го организира за Илинден. „Охрид колинг“ е презакажан за 2021 година, се чека и нов датум за „Пласибо“. Милошески соопшти дека откажаните концерти се 50 отсто авансно платени и тие не се вратени.

На крајот додаде дека би бил несериозен ако, сепак, не прави планови и за идната година. -Плановите за 2021 година 60 отсто се базираат на македонски проекти, но ќе видиме колку ќе се реализираат и колку ќе бидат расположени, рече Милошески, кој на новинарско прашање за концерти на домашните музичари одговори дека тие се неверојатно тешки за договорање, но и дека „Авалон“ не прави концерти на изведувачи што свират во кафулиња и на свадби.

Би можело да ве интересира

ВИДЕО: Нов сингл на Кристина Арнаудова „Засекогаш“

Ана Ололовска

ВИДЕО: Јана Бурческа ја промовираше „Home alone“

Ана Ололовска

(ВИДЕО) Тамара Тодевска ја објави својата нова песна „Нијагара“

Горан Наумовски

ВИДЕО: Дупер со нова песна

Ана Ололовска

Видеоспот за макфестовската песна „Омилен“ на Марија Спасовска

Ана Ололовска

ВИДЕО: Нова песна на ДНК – „Милион денови“

Ана Ололовска