Американскиот државен секретар Џон Кери денеска допатува во Москва, каде ќе разговара со рускиот претседател Владимир Путин во обид да ги подобри билатералните односи и ја добие поддршката на Москва за војната во Сирија.
Кери, кој е во прва официјална посета на Русија од стапувањето на должноста во февруари, се надева дека ќе успее да го промени ставот на Москва за Сирија со два нови апсекта: станува збор за американските закани со вооружување на сириските бунтовници и со доказите за напади на сирискиот режим со хемиско оружје, пренесуваат американските медиуми.
Кери ќе се обиде да го убеди најмоќниот сојузник на сирискиот режим за заземе поостар став кон Сирија во момент кога воздушните напади на Израел врз оваа блискоисточна земја, минатиот викенд, ја ископлицираа внатрешната дебата на американската администрација за тоа што треба да се прави во однос на Сирија.
Вашингтон одамна ја повикува Москва да го искористи своето влијание и да го запре 26-месечното крвопролевање во Сирија, обвинувајќи ги руските лидери дека продолжуваат да го вооружуваат режимот на претседателот Башар ал Асад.