Филмската библија „Варајати“ објави извонредна рецензија за „Врба“, шестиот филм на на најтрофејниот македонски режисер Милчо Манчевски. Во рецензијата во најпознатото филмско списание на светот насловена како „Врба: Суптилен, длабок портрет на мајчинството по кое се копнее, помножен со три“, филмската критичарка Џесика Кианг вели: „Три приказни за македонско мајчинство одекнуваат низ вековите во моќната, евокативна и прекрасно одглумена драма на Милчо Манчевски“.
По минатонеделното прикажување на Сараевскиот филмски фестивал, нареднава недела „Врба“ ќе ја има и кинеската премиера, во престижната конкуренција за награди на Филмскиот фестивал во Пекинг, а организаторите велат дека сите проекции на филмот се однапред распродадени. Во октомври следи шпанската премиера на фестивалот во Валенсија.
Во рецензијата во „Варајати“ за „Врба“ се вели:
„Жените во „Врба“ на Милчо Манчевски не се стари баби, но нивните приказни имаат чувство на нешто народно – дури и оние две од трите што се случуваат во денешно време. Користејќи трипартитна структура која го привлекуваше режисерот и во минатото, особено во неговото деби од 1994 „Пред дождот“, филм кој беше номиниран за Оскар и победи во Венеција, Манчевски извлекува три извонредни женски актерски остварувања од неговите главни актерки, од кои секоја ја тера својата сопствена приказна за маките, кривиците и огромните жртви на мајчинството. Често трагична, често сурова, „Врба“, видена низ милозливата, озарена камера на директорот на фотографија Тамаш Добош, сепак задржува леснотија и енергија која на крајот успева да биде оптимистичка – не толку приказна за жалоста на врбата колку за нејзината способност да се извиткува со небаре бескрајна флексибилност без да се скрши.
Првото поглавие е најочебијно митско, лоцирано во средновековно македонско село, каде млад пар – неверојатно синооката Донка (Сара Климоска) и нејзиниот голем, навидум мек маж Милан (Никола Ристески) – очајно се обидуваат да зачнат. Откако залудо ќе ги поминат сите ритуални суеверија, тие одат кај една стара жена со лице од карст и остар јазик (Ратка Радмановиќ), за која се смета дека ќе ја излечи нивната јаловост. Откако прво ќе го исмее Милан („Во права дупка го клаваш?“, го прашува), „мајче“ се согласува да им помогне, но под еден страшен услов: Таа го сака нивното првороденче. Ќе имаат уште многу други, грубо им вели, а неа ѝ треба некој да се грижи за неа.
И таман што сме се раскомотиле во овој феудален свет на грубо платно, медени слики од камени мостови, житни полиња и речни брегови, еден брз рез нѐ транспортира во ноќна сообраќајна гужва во дождливо модерно Скопје. Таксистот Бранко (Ненад Нацев) прави несмотрен потег и удира старец што ја преминува улицата. Додека Бранко чека прво на брзата помош, а потоа и на полицијата, а дождот му се собира во долгата брада, од еден балкон го гледа Родна (Наталија Теодосиева) која најпосле слегува долу кај него со чадор за неочекувано мила слатка средба. Нивната заносна романса се расплетува во ритам на неконвенционална романтична комедија – сѐ додека, финансиски истоштени од ин-витро третмани, тие најпосле на зачнат со близнаци. Отпрво личи како да добиле двоен благослов, за набргу да прерасне во невозможна дилема која станува семе на раздорот меѓу нив.
И на крај, Катерина (Камка Тоциновски), сестрата на Родна, спореден лик во делот на Родна, добива свое поглавје. Како мајка што го посвоила сиракот Кире (Петар Царановиќ), таа е напната и загрижена поради неговото мрачно, упорно молчење, отелотворувајќи ја постојаната исцрпеност предизвикана од жестоко сакање дете кое за возврат не сака или не може да сака. Но, во изненадувачките, а сепак кредибилни пресврти на оваа последна приказна, Манчевски прави некои од неговите најдлабоки опсервации за мајчинството, за тоа како тоа не е толку биолошка или дури и емотивна врска со партнер или дете, колку серија на избори, спогодби и тргувања кои мајката ги прави со себе, со светот или со Судбината. Дури и кога би можело да има некаква пуританско толкување околу тоа која од жените е „казнета“, а која „наградена“, независноста на духот на сите три се опира на вакви симплифицирања. Жениве можеби ги обединува мајчинството, но во секој друг поглед тие си се сосема свои.
Манчевски носи филигрански опсервирани хумор и трогателност и во значајни и во прозаични случки. „Сега легни си“, му вели Донка на нејзиниот „стопан“ маж Милан после обедот, „за јадењето да мисли дека цар го јадел“. Родна и Бранко, дури и среде финансиските грижи си имаат фантастична, кикотлива, несмасна секс сцена. Катарина ѝ ги раскажува на Родна маките со Кире додека ѝ ги лакира ноктите на нозете на Родна. Симболи и мотиви се повторуваат во рефрените на музиката на Кирил Џајковски модулирана со народни мотиви: дробењето на јаболко, судбински камен, стари обреди за плодност како триење земја на кожата кога грми или јадење три зрна град. И другите попатни нешта имаат суптилни, метафизички значења – како презимето на Бранко кое навестува исконска врска со саканото спорно првенче на Донка – уште поевокативни затоа што не се перфектни паралели.
Некои понемилосрдно геометриски сензибилитети можеби ќе се вознемират од привидниот дисбаланс во пристапот на Манчевски: една приказна во средновековното полумитско минато, а другите две поврзани и современи. Но, „Врба“ не е филм на линеарна логика, туку на алузии и асонанци, на еха и одгласи. Можеби приказната на Донка е коренот, на Родна стеблото, а на Катерина гранката, а елегантното, надежно огледување на почетокот и крајот – едно дете се губи, друго дете е пронајдено – е едноставно виткањето на ова особено дрво кое несвесно му се поклонува на своето потекло закопано длабоко во земјата на некое дамнешно минато“, се вели во рецензијата на „Варајати“.
„Врба“ го започна своето патување со светска премиера на Римскиот филмски фестивал во октомври минатата година, каде што беше забележан со исклучително позитивни критики. По македонската премиера, филмот играше в кино два и пол месеци и ги сруши рекордите на гледаност. „Врба“ беше и дел од официјалните програми на светските фестивали во Тајпеј, Талин, ФЕСТ во Белград, Бенгалуру во Индија, Синеквест во Калифорнија, Софија, Истанбул, Клуж-Напока и други.
„Врба“ ја освои и наградата Најдобар филм во програмата Недела на режисерите на 40. издание на филмскиот фестивал Фантаспорто во Порто, Португалија, како и наградата за најдобар филм на камерниот фестивал на независни филмови во Велингтон, Нов Зеланд.