Претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел, во телефонски разговор му рече на рускиот претседател Владимир Путин дека е загрижен за состојбата на рускиот опозициски лидер Алексеј Навални, кој се бори за живот во болница во Сибир и за кој постои сомнение дека е отруен, изјави денеска неименуван високорангиран функционер на ЕУ.
Мишел, кој претседава со самитот на лидерите на ЕУ, рече дека нивната цел е да престанат насилствата врз демонстрантите и граѓаните во Белорусија и да ја спречат земјата да падне во економски или воен хаос, пренесува Танјуг.
– Искуството на Украина е важно. Никој не сака да се повтори она што се случи во Украина. ЕУ не е заинтересирана за друг Мајдан и хаосот што би следел во Белорусија. Белорусија не е Украина, луѓето таму не бараат поблиски односи со ЕУ, рече европскиот функционер.