ЈЗУ Универзитетска Клиника за хематологија информира дека деновиве целосно ја заврши и последната фаза од процесот на обновување на клиниката, со што и одделот на Дневната болница доби комплетно нов изглед.
– Станува збор за одделот каде што се спроведува дијагностика, терапија и долгогодишна контрола на пациентите со разни хематолошки, малигни и немалигни сериозни заболувања, се наведува во соопштението.
Покрај реновирањето, Дневната болница на Клиниката за хематологија го осовремени третманот на пациентите, обезбедувајќи и нови апарати како и опрема кои ќе им овозможат на пациентите здравствена нега на значително повисоко ниво.
„Од особена важност за пациентите, како и за персоналот кој ги опслужува, е и целосното почитување на највисоки стандарди воспоставени заради заштита од Ковид-19 на клиниката. За таа цел се обезбедени и најсовремени апарати за стерилизација на воздухот. И во време на рестрикции поради пандемијата со Ковид -19, во дневната болница непречено се пружаа медицински услуги во две смени. Строго беа запазени сите препораки и услови, за сите пациенти да се чувствуваат безбедно и сигурно при посета на клиниката. За периодот до 31.07.2020 забележан е пораст од 5% во однос на 2019 година и во тој период вкупно се реализирани 9310 болнички денови. Вкупниот број на реализирани болнички денови во 2019 изнесува 21 344“, се вели во соопштението.
„Нашата цел е да овозможиме најсовремени здравствени услуги и врвен медицински третман, кои ќе бидат достапни за сите граѓани , во услови кои ќе гарантираат безбедност и удобност“, изјави директорката на Клиниката д-р Ирина Пановска Ставридис.
Со обновената Дневна болница е комплетиран процесот на целосно реновирање на клиниката.
„Оваа инвестиција ќе овозможи нашата врвна експертиза и терапија да се одвива во најсовремени просторни услови, со што се залагаме за подигање на угледот и довербата не само во капацитетот на Клиниката за хематологија туку и во јавното здравство воопшто“, се додава во соопштението.