Легендарниот голман Икер Касиљас изјави дека неговото заминување од Реал Мадрид во 2015 година било трауматично, но дека и покрај сè, „кралскиот клуб“ е негов дом.
Поранешниот голман на Реал Мадрид и шпанската репрезентација официјално на почетокот на месецот објави дека ја прекинува својата играчка кариера, а медиумите шпекулираат дека тој ќе ја извршува функцијата советник на претседателот на клубот, Флорентино Перез.
– Моето заминување од Реал беше трауматично, но тоа е мојот дом. Беше како развод, имаше грди зборови, но како што одминуваше времето, сè се смири. Две или три години по заминувањето од Реал, имав подобри односи со Перез и тој ми рече дека морам да бидам во клубот. Ќе разговараме сега во август бидејќи Реал е мојата куќа и мојот живот. Флорентино ми се јави неодамна и рече дека има понуда за мене. Сега кога сум во Мадрид, ќе разговараме, рече светскиот шампион со Шпанија за шпански „АС“.