Нашата татковина не се заканува, но и не се уценува, токму затоа и не потпаѓа под закани и уцени. Но, ниту пак толерира провокативни активности, изјави грчкиот премиер Кирјакос Мицотакис во видео пораката до граѓаните во однос на последните случувања во односите со Турција и додаде дека „ниту една провокација нема да остане неодговорена“.
Мицотакис истакна дека Грција е подговена за дијалог и не се плаши дури ни од најтешкиот дијалог, но не прифаќа „дијалог со провокации и во тензична клима“.
Тој во пораката до граѓаните наведе дека „милитаризирањето од страна на Турција претставува признавање на непостоењето на силни правни позиции“ и додава дека на распоредувањето на турската флота, Грција одговорила со својата флота, но и „поставувајќи ги во готовност вооружените сили“.
– Сите нека знаат: Опасноста од несреќа демне кога толку воени сили се концентрирани на ограничен простор, а одговорноста во таков случај ќе ја има оној кој ги предизвикува овие околности, посочи грчкиот премиер.
Тој се осврна и на дипломатските активности на земјата, односно како што рече, ги информираат прјателските земји и меѓународната јавност и Грција не е сама во напорите, а како пример го спомена вонредниот состанок на Советот за надворешни прашања на ЕУ
– Одново истакнувам. Одговараме, не провоцираме. И со сериозност се надеваме, конечно да надвладее логиката кај нашата соседна земја за да може да се започне добронамерен дијалог. Базиран на меѓународното право и меѓусебно почитување за спорот што е предмет на дискусија, порача Мицотакис.