Поројните дождови што ја погодија источна Франција, треба да прекинат во текот на денот, но надојдените реки ризикуваат да ги поплават населените места, затоа властите повикуваат на претпазливост, јавува дописникот на МИА од Париз.
Властите во текот на минатата ноќ превентивно ги евакуираа жителите на две улици на престолнината на Бургундија – Дижон (збратимен град со Скопје), како и во уште неколку други опоштини низводно од надојдената река Уш.
Од надојдените води и поројните врнежи прекинати се повеќе патни правци, поплавени повеќе куќи и улици во повеќе градови и села во североисточна Франција.
Дождовите предизвикаа и прекин на речниот сообраќај на Рона и Сона, поради високото ниво, кое не им дозволува на бродовите да поминат под мостовите во Лион. Француските власти повикуваат на претпазливост и според нив нема човечкижртви и штетите кои допрва ќе се проценуваат се само материјални.