Опозициската кандидатка на претседателските избори во Белорусија, Светлана Тихановскаја, која го оспорува реизборот на претседателот Александар Лукашенко, побегна во Литванија, изјави денеска литванскиот министер за надворешни работи Линас Линкевичијус.
– Таа пристигна во Литванија и е безбедна, посочи Линкевичијус.
Во Белорусија синоќа, втора вечер по ред, полицијата ги растера демонстрантите кои протестираа против изборната победа на Лукашенко, кој е на власт од 1994 година.
Демонстрациите и судирите со полицијата почнаа во неделата вечерта, по објавувањето на првичните резултати од претседателските избори, на кои Лукашенко доби над 80 отсто од гласовите и го освои шестиот мандат.
Тихановскаја синоќа не се придружи на протестите, како што наведе, за да избегне провокации.