Најмногу активни случаи на Ковид-19 во Скопје, Штип и Гостивар, ниту еден во Пехчево

Од:

Статистиката на Министерството за здравство покажува дека моментно во државава имаме 3.648 активни случаи. Најмногу и понатаму во главниот град, 1.335, а само во Пехчево нема ниту еден случај.

Зад Скопје, според бројноста на активни случаи се Штип со 400, Гостивар 326, Куманово 276, Струга со 195, Тетово 190, Дебар 127…

По завчерашните 200 нови случаи, вчера беа регистрирани нови 85, од вкупно направени 1.188 тестирања, 42 оздравени пациенти и четворица починати.

Бројот на ковид дијагностицирани во државава достигна 11.839. Оздравени се 7.664 пациенти, а починаа 527 луѓе.

Здравствените власти секојдневно потенцираат дека клучно во борбата против КОВИД-19 е почитувањето на мерките затоа што медицинските работници се преморени, а таков персонал не можеме да увеземе. Младите, како што велат, се поактивни и се поизложени на вирусот, а пензионерите повеќе внимаваат. Истовремено предупредуваат дека младите кои ќе завршат на респиратор, имаат големи проблеми.

Според најавите, Министерството за образование и наука неделава треба да го финализира предлог-планот како ќе почне да се реализира учебната 2020/2021 година од 1 септември, по што тој треба да помине на седница на Владата и да биде соопштен на јавноста. Планот се усгласува со Комисијата за заразни болести, а содржи протоколи за сите модели на настава – присуство во клупите на дистанца и со заштитни маски, онлајн-настава преку е-платформи и комбинирано учење со ротации на учениците на одреден период. Освен за училиштата се очекува одлука и дали ќе бидат отворени.

Министерството за здравство вчера информираше дека Универзитетската клиника за неврологија изготвила Водич за справување со невролошки заболувања во услови на КОВИД-19. Содржи стручни препораки и насоки за следење на одложени имунолошки посредувани компликации, невропсихолошки последици и евентуално одложен развој на невродегенеративни заболувања кај заболените со КОВИД-19.

– Со растечкиот број заболени од КОВИД-19 се објавуваат и сознанија за директно и индиректно инволвирање на нервниот систем. Со оглед на фактот дека ACE-2 (angiotensin converting enzyme-2), рецепторот за SARS CoV-2 е присутен во мозокот, јасно е дека вирусот може да ги инфицира невроните и да предизвика директни и индиректни невролошки компликации. Од друга страна, пациентите со некои невролошки заболувања и терапијата која ја примаат за третман, спаѓаат во групата лица со зголемен ризик за развој на компликации од КОВИД-19. Сознанијата секојдневно се збогатуваат и менуваат, што значи дека ставот за третман, постапување и процена на ризик кај пациенти со невролошки заболувања во услови на КОВИД-19 пандемија не е дефинитивен, стои во Водичот.

Претходно, министерот за здравство, Венко Филипче најави зголемување на бројот на бесплатните сезонски вакцини против грип како дел од стратегијата за справување со КОВИД-19, а рече и дека се преземаат чекори за зајакнување на болничките капацитети, за брзо тестирање, како и за зголемување на медицинскиот персонал во пресрет на евентуален нов корона бран оваа есен. Продолжува, информираше, изградбата на модуларни болници во 16 општини низ земјава и моментно нема недостаток на специјалисти, иако лекарите веќе почнале да ги користат одморите.

Податоците на Министерството за здравство покажуваат дека на Инфективната клиника се хоспитализирани вкупно 79 пациенти, а во болницата во Козле 15 возрасни и четири деца позитивни на вирусот, како и пет пациенти суспектни. Во ГОБ „8 Септември“ се хоспитализрани 76 пациенти, во болниците во Битола и во Штип, 28 односно 50 пациенти, како и 123 на инфективните одделенија во Тетово, Охрид, Велес, Куманово, Прилеп, Гостивар, Струмица и Струга.

Би можело да ве интересира

Регистрирани се нови 57 случаи на Ковид, четворица починати како последица на вирусот

Катерина Ѓуровски

СДСМ: Се случи најлошото, почина пациентка која не била примена на интензивна нега на Инфективна клиника

Катерина Ѓуровски

Вкупно 250 случаи на Ковид-19 во јули во државава

Грип, ковид и инфекции на дишните патишта ги полнат амбулантите и болниците

Ковид-19 од денес е обична заразна болест, укинати и последните мерки за носење маски

A1on

Пендаровски го потпиша Указот за новиот Закон за амнестија за прекршоците во ковид кризата

Катерина Ѓуровски