Концерт на грчки уметници и театарската претстава „Чудесна терапија“ на „Охридско лето“

Од:

На „Охридско лето“ денеска ќе има два настана, концерт на грчките уметници на виолончело и пијано – Христос Гримпас и Џорџ Емануел Лазаридис, како и театарската претстава „Чудесна терапија“ во изведба на Драмскиот театар од Скопје.

И концертот и претставата ќе се одржат на сцената во Предворјето на „Света Софија“, концертот од 17:00, а театарската претстава од 21:00 часот.

На програмата на концертот на грчките уметници Гримпас и Лазаридис се дела од Рахмањинов и Мусоргски.

Христос Гримпас студиите ги почнува на Државниот конзерваториум во Солун, а продолжува да студира на Универзитетот за уметности во Берлин. Магистрира на познатата Висока школа за музика во Есен. Бил член на Рајнскиот младински оркестар, на Интернационалниот младински оркестар како и на Оркестарот на ЕУ. Добитник е на повеќе награди и признанија како оние од Пан-Хеленскиот натпревар за млади солисти, како и од натпреварот за камерна музика „ХелЕкспо“, а исто така е наградуван од фондациите „Александра Трианти“ и „Александрос Оназис“. Како солист со окрестар настапува со Државниот оркестар на Солун, со оркестрите во Харково, Теплице, Днипине и Запорожје, како и со оркестарот „Синфониета“ од Софија. Со Симфонискиот оркестар на грчкото радио остварува две снимки и тоа на Концертот за виолончело од Мартину во 2002 г. и на концертот за виолончело и биг бенд од Фридрих Гулда во 2018.

Џ. Е. Лазаридис е сестран музичар со повеќе од 30-годишно присуство на интернационалната музичка сцена како солист, композитор, едукатор и основач на повеќе нови културни институции. Неговите ментори биле Јонти Соломон, Алфред Брендел, и Домна Евнухиду, а студирал на Кралскиот колеџ за музика и „Тринити“ Колеџот во Лондон. Лазаридис е активен на концертната сцена во престижни концертни сали од САД и Мексико до Европа, Русија и на Блискиот Исток, со настапи кој го носат на некои од најпознатите музички фестивали во Истанбул, Акс во Прованса, Монтереи, Свонси, како и во Карнеги Хол, Ројал Алберт Хол, Музикферајн, салата на Петербуршката филхармонија и многу други.

Од 2011-2013 бил директор на Интернационалниот фестивал „Деметриа“ во Солун, а од 2010-2019 бил уметнички директор на Организацијата на концертни сали во Солун, каде меѓу другото бил раководител на Интернационалниот детски хорски фестивал и на едукативниот проект „МОЈСА“ инспириран од моделот на ел-система и наменет за хористи на возраст од 8 до 25 години.

Театарската поставка „Чудесна терапија“ на режисерот Димче Николовски говори за интимна врска меѓу двајца чија големина се мери преку одговорот на прашањето: Дали успева да постои и надвор од љубовта? Претставата се занимава со потребата од чиста и искрена комуникација како предуслов за среќна врска. Улогите ги толкуваат Соња Стамболџиоска, Маја Вељковиќ Пановска и Предраг Павловски. „Чудесна терапија“ не се препорачува за деца помлади од 12 години.

Би можело да ве интересира

Француска вечер 17 години присутна на „Охридско лето“

На „Охридско лето“ промоција на книгите „Радио“ и „Неправилен ритам“ од Љупчо Јолевски

На „Охридско лето“ вечерва симфонискиот оркестар од Црна Гора и нашата пијанистка Нина Костова

Предраг Петровиќ

Отворено 64. издание на фестивалот „Охридско лето“

„Охридско лето“ на годинешното Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: Со одобрените 30 милиони денари од Министерството за култура ќе реализираме квалитетна програма